Беспилотно летало од непознато потекло денеска се урна во училиште во израелското летувалиште Еилат на Црвеното Море без да предизвика жртви, соопшти израелската армија.
„Дрон удри во цивилна зграда во градот Еилат. Се истражува потеклото на дронот и околностите околу инцидентот“, се наведува во соопштението објавено на социјалната мрежа Икс.
Според портпаролот на израелската армија, училишната зграда, каде што имало луѓе во моментот на експлозијата, била оштетена. Итната помош згрижила седум лица во состојба на шок.
Десетици полицајци и војници ја опколија областа околу училиштето.
Во јужниот израелски град на Црвеното Море во моментов се засолнуваат десетици илјади луѓе евакуирани од северен Израел и од областа долж границата со Појасот Газа, каде што се водат борби меѓу израелската армија и палестинското движење Хамас.