Учеството на научно-истражувачки работници од Северна Македонија во 67 од вкупно 70 акции во рамки COST-програмата за европска соработка во науката и технологијата, што се спроведоа во изминатите два месеца, ја прави државата еден од поактивните учесници во оваа програма, меѓу земјите во регионот. Ова било потврдено на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорот на COST-програмата, Роналд Де Бруин, соопшти Министерството за образование и наука.
На средбата, одржана во МОН, присуствувале и претставникот на нашата земја во управниот одбор на оваа програма, проф. д-р Зоран Поповски, и директорката на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, проф. д-р Гордана Лажетиќ.
-Министерот Шаќири изрази задоволство што научниците, истражувачите и иноваторите од државава се проактивни и изразуваат голем интерес за учество во акции за вмрежување и заедничи проекти со колегите од други земји од Европа, потенцирајќи дека тоа е еден од мотивите за постојано зголемување на буџетот кој министерството го двои и вложува во науката и истражувањето и стимулира нови, млади истражувачи, меѓу другото да се вклучуваат и во акциите на оваа програма, наведува МОН.
Осврнувајќи се на досегашните постигнувања и идните планови на COST, директорот на програмата Де Бруин, посочува МОН во сопштението, потеницираше дека токму основната цел е да се воспоставуваат што повеќе конекции меѓу научно-истражувачките работници од различни земји и региони, кои со свои идеи и иницијативи ќе придонесуваат кон развојот на науката и технологијата, како области кои се стожер на севкупниот глобален напредок.
Средбата му претходеше на инфоденот за COST што се одржа денеска во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ. Државата утре ќе биде домаќин на годишниот состанок на Комитетот на високите службеници на програмата, во организација на МОН.
-Во следниот период, пак, МОН ќе организира и неколку работилници на универзитетите во државата, со цел подетално запознавање со целите на оваа програма и стимулација за учество во истата на што повеќе претставници на академската и научната фела, посочува МОН.
COST е најстарата европска програма за наука и технологија, формирана во 1971 година. Северна Македонија е нејзина полноправна членка од 2002 година.