САД денеска ја објавија третата рунда санкции против поединци и организации поврзани со Хамас, поради терористичкиот напад врз Израел, што се случи на 7 октомври, соопшти Стејт департментот.
Американското Министерство за надворешни работи го означи Акрам ал-Ајури како глобален терорист и како лидер на Палестинскиот исламски џихад (ПИЈ). Ајури е заменик генерален секретар на Исламскиот џихад и лидер на неговото милитантно крило, бригадата Ал-Кудс.
Покрај него воведени се санкции и против седум поединци и два субјекти кои даваа поддршка или дејствуваа во име на Хамас или ПИЈ.
Ги преземаме овие активности во координација со Обединетото Кралство за да го заштитиме меѓународниот финансиски систем од злоупотреба од страна на Хамас и неговите поддржувачи. Ќе продолжиме да работиме со нашите партнери и сојузници за да ги прекинеме каналите на Хамас за финансирање на тероризмот, се посочува во соопштението на Стејт департментот.
Во соопштението се посочува дека поддршката од Иран, првенствено преку Корпусот на Исламската револуционерна гарда, им овозможува на Хамас и ПИЈ да вршат терористички активности, вклучително и преку трансфер на средства и обезбедување оружје и оперативна обука. Иран ги обучувал борци на ПИЈ за производство и развој на ракети во Појасот Газа и истовремено финансирал групи кои обезбедуваат финансиска поддршка на борците поврзани со ПИЈ.