Претседателот на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија, Агрон Фазлији, на денешниот форум на тема „Знаетчиството како важен дел на економијата и неговата визија за создавање на квалификувана работна сила во Република Северна Македонија“ потпиша Декларација за соработка со своите колеги од Србија, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Косово, како и Меморандум за соработка со Хрватската занаетчиска комора.
Со потпишувањето на оваа декларација земјите потписнички се обврзуваат дека ќе ги разменуваат сите информации за креирање политики во реформскиот процес, соработка со националните и локалните власти, односно основање на Занаетчиски Комори во земјите членки од Западен Балкан и трансферирање на знаење и институционална поддршка.
Претседателот на ЗКРСМ во своето обраќање потенцираше дека занаетчиството го зазема своето место како значајна економска гранка и Занаетчиската комора станува цврста алка во општеството.
– Ова покажува и докажува дека нашата посветеност и труд се ценат, вмрежувајќи се со сите институции и со други занаетчиски комори од регионот. Цврсто сум убеден и верувам дека, взаемно, со институциите ќе придонесеме кон намалување на сивата економија и ќе создадеме поволен амбиент за бизнис. Имаме визија и ја градиме заедно. Ќе создадеме амбиент каде ќе се цени занаетчиството и со мерки и субвенции ќе ги мотивираме младите да останат во државата и да почнат свои бизниси, рече Фазлији и додаде дека за жал во нашата држава во изумирање се 10 занаетчиства кои за прв пат се дел од програмата за развој на туризам со цел нивно истакнување.
Тој информираше дека во моментов има 20 000 занаетчии, членови во Занаетчиската комора на Република Северна Македонија.
– Имаме разни субвенции од Министерството за економија, но треба уште повеќе да ги субвенционираме децата, да ги насочиме кон средни стручни училишта за да станат вистински професионалци во своите дејности, истакна Фазлији и нагласи дека младите може да се задржат во занаетчиството во државата само со субвенции и мерки и со донесување закон за субвенционирање на младите занаетчии.
Во своето обраќање, тој посочи дека Комората одговорно ја зајакнува својата позиција во општеството, но и во регионот преку развивање на тесна соработката со Албанија, Црна Гора, Србија, Српска, Косово и Босна и Херцеговин и заедно ќе работат на проширување и подобрување на условите за развој на занаетчиството и посветеност на взаемно почитување, доверба и разбирање, како и грижа за интересите на овие држави.
Извршната директорка на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија, Јелена Спасова, истакна дека во денешно време станува се позначајно да се истакне важноста на занаетчиите, а со тоа да се одржи и вековната традиција на нашето занаетчиство и да се потенцира придонесот којшто преку своите вештини и конкурентни остварувања тие го имаат во општеството и во економијата.
– Јасно ми е дека живееме во периодот кога доминираат менаџерските амбиции, но, не смееме да ги занемариме занаетите, особено затоа што по принципот на понуда и побарувачка да се биде во занаетчискиот подем денес може да биде многу исплатливо, нагласи Спасова.
Таа најави дека Занаетчиската комора, следната година, планира да изгради Центар за едукации преку кој ќе се охрабрат младите луѓе да се вклучат во занаетчиските гранки и да ги развијат своите вештини во таа насока. Комората ќе развива регионални комори за имплементирање проекти за учење на нови вештини на занаетчиите од тој регион, со цел подобрување на работните позиции за кои што постои траен недостиг на пазарот на трудот, притоа развивајќи тесна соработка со бизнис секторот каде младите во реална работна средина ќе ги искусуваат занаетите.
За разлика од кај нас, во Хрватска, како што истакна претседателот на ХОК, Далибор Кратохвил, во моментов има 110 000 занаетчии а се запослуваат околу 225 000 работоспособен кадар, со што само од претходната година има пораст од девет отсто на вработувањето, односно по скоро 1000 нови занаетчии месечно.
– Во изминатите четири години со повлекување на европски фондови обезбедивме 50 милиони евра за стипендија на младите лица, со што кај нас енормно е зголемен уписот на младите во занаетчиските школи, нагласи Кратохвил.
Тој појасни дека младите кои се запишуваат во занаетчиските училишта во текот на целата година добиваат 2500 евра стипендија, а занаетчиите кои обучуваат деца добиваат надомест за знаењето кое го пренесуваат и оштета за материјалот кој го потрошиле во текот на обучувањето.
На настанот се обрати и првата дама на нашата држава, Елизабета Ѓоргиевска, која истакна дека занаетчиството не е само индустрија, тоа е културен камен темелник, историска нарација вткаена во ткивото на нашиот идентитет.
– Целта е повеќе од јасна: да ја зголемиме конкурентноста на нашите занаетчии и да ги усогласиме економските норми со стандардите поставени од Европската Унија. Мојата поддршка при оставарувањето на оваа мисија, е тесно поврзана со моите заложби да го признаеме и славиме непроценливиот придонес на жените занаетчики во одржувањето на традиционалните занаети, нагласи Ѓоргиевска.
Таа потенцираше дека нејзината поддршка при остварувањето на оваа мисија е тесно поврзана со заложбите да го признаеме и славиме непроценливиот придонес на жените занаетчии во одржувањето на традиционалните занаети.
– Со зајакнувањето на занаетчискиот сектор, ние не само што ја подобруваме економската состојба, туку и создаваме услови за поголема вклученост во креирањето на политики на локално и национално ниво, нагласи првата дама.
На форумот беа доделени три награди за најдобрите занаетчии, како и благодарници за поддршка на занаетчиството до првата дама Елизабета Ѓоргиевска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик министрите за економија, образование, труд и социјална политика, директорите на Центарот за образование за возраски и Центарот за средно стручно образование, претседателот на ХОК, Далибор Кратохвил и останатите поддржувачи.