Глобална температура за првпат 2°C над сезонскиот просек: Надмината горната граница на Парискиот договор

од Stefanija Kuzmanovska
188 прегледи

Глобалната просечна температура во петокот за првпат беше повисока од два Целзиусови степени над сезонскиот просек од прединдустрискиот период, односно над горната граница на Парискиот договор, објави Европската опсерваторија Коперник.

Според прелиминарните податоци, глобалната температура на 17 ноември била за 2,06 степени Целзиусови повисока од просечната забележана помеѓу 1850 и 1900 година, напиша на X Саманта Бурџис, заменик-шеф на Одделот за климатски промени на Коперник.

„На првиот ден откако се води евиденција, температурата на глобално ниво го надмина прединдустриското ниво за повеќе од 2°C“, додаде таа.

Сегашната клима се смета за околу 1,2°C потопла во споредба со тој период.

Глобално зголемување на просечната температура

Целта на договорот потпишан во 2015 година на крајот на климатскиот состанок COP21 е „да се одржи глобалниот просечен пораст на температурата многу под 2°C во споредба со прединдустриските вредности“ и да се продолжат напорите „да се ограничи зголемувањето на температурата на 1,5°C над прединдустриските вредности“.

Во посебен извештај на IPCC од 2018 година, експертите за климатски промени, собрани под покровителство на ОН, го усвоија како дефиниција за затоплување просечното „во период од 30 години“ во споредба со „референтниот период од 1850 до 1900 година“.

Првиот регистриран ден кој достигна температура над прагот од 2°C е само дел од серијата неславни рекорди.

Температурните записи од јуни до октомври покажуваат дека ова се најтоплите месеци досега забележани, според податоците на Коперник. Претставниците на опсерваторијата веруваат дека 2023 година речиси сигурно ќе го надмине годишниот рекорд поставен во 2016 година.

Октомври 2023 година бил „за 1,7°C потопол од просечниот октомври во периодот од 1850 до 1900 година“, објави Опсерваторијата на почетокот на ноември.

Рекордните температури резултираат со суши, кои се синоним за глад, разорни пожари или урагани, предупредуваат научниците.

За сето ова ќе се разговара на 28-та климатска конференција на ОН, која ќе се одржи во Дубаи од 30 ноември до 12 декември.

Слични содржини