Mercedes ќе го задржи четирицилиндричниот AMG C63

од Vladimir Zorba
456 прегледи

Уште во август се појавија неофицијални информации за наводните планови на AMG да го врати V8 моторот на C63. Некое време подоцна, печатот разговараше со извршниот директор на AMG и тој откри дека 4.0 литарскиот мотор сепак нема да се врати. Поконкретно, Мајкл Шибе не се двоумеше да „дефинитивно ги демантира“ гласините за враќањето на C63 и E63 на V8.

Директорот на AMG тогаш рече дека одлуката за намалување и електрификација е правилен потег со оглед на тоа што конкурентите излегуваат и со спортски хибриди со помали мотори.

Во последното интервју, кое го даде за Top Gear, Шибе вели дека луѓето се прашуваат зошто германската компанија се откажала од V8. Тој објаснува: „Сакаме да бидеме многу, многу прогресивни кога станува збор за технологијата. Убедени сме и во концептот на хибридизација, таму ќе останеме со четири цилиндри“.

Тој, сепак, призна дека AMG не може да го убеди секој љубител на V8 да го купи новиот модел од 2.0 литри. Шибе затоа истакнува дека plug-in хибридниот C63 ги привлече и оние клиенти кои инаку не би биле заинтересирани за спортски седан.

За потсетување, Mercedes-AMG C63 е четирицилиндричен Plug-in Hybrid со погон на четири тркала и управување со четири тркала.

Бензинскиот мотор е 2.0-литарски M139L на AMG со четири цилиндри со 476 КС, додека електромоторот има 150 kW/204 КС. Тука треба да се спомене и батеријата од 6,1 kWh, како и електронски контролираниот диференцијал со ограничено лизгање. Сè на сè, комбинираните 680 КС и 1020 Nm го забрзуваат Mercedes-AMG C63 S E Performance до 100 km/h за 3,4 секунди, а максималната брзина од 250 km/h може опционално да се зголеми на 280 km/h.

Автомобилот може да се вози само на струја, со брзина до 125 km/h, а во овој електричен режим може да помине и до 13 km.