Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров изјавил дека војната во Украина не може да се избегне поради долгорочните делувања на САД во планот за бришење на руската култура и јазик на истокот на Украина.
Лавров изјави и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски имал шанса во март и април 2022 година да постигне договор за прекин на воените дејствија со гаранции дека Украина ќе биде воено неутрална, но дека САД и Велика Британија биле против тоа.
Шефот на руската дипломатија ги обвини САД дека ги уценувале и им се закануваат на членовите на Генералното собрание на Обединетите нации кога гласале за одлуки насочени против Москва.
-Тие им пријдоа на претставниците на земјите членки и рекоа – вашите сметки се во нашите банки, а вашите деца се на нашите универзитети, рекол Лавров, објави Ројтерс, пренесува црногорски „Дан“.
Тој потсетил дека Русија досега двапати ги победила странските сили, меѓу кои Наполеон и Германија и нагласил дека Москва од тие конфликти излегла посилна.
-Така ќе биде и по оваа војна, порачал Лавров.
На прашањето какви се шансите за мир во Украина, Лавров одговорил дека прекинот на огнот меѓу Украина и Русија зависи од Зеленски.
-Пред година и пол потпиша указ за забрана на какви било преговори со претседателот Владимир Путин, информирал шефот на руската дипломатија.