„Европската коалиција, нема да се откаже од процесот на европска интеграција на државата, од процесот којшто обезбедува повисок животен стандард на граѓаните, повеќе работни места, подобро владеење на правото”, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Канал 5.
По работната посета на Брисел, каде учествуваше на Самитот ЕУ – Западен Балкан, Ковачевски одговори на актуелни прашања за европската перспектива на државата. „Државните интереси и интересите на граѓаните се на прво место на владината коалиција, за разлика од опозицијата во чиј фокус се партиските и лични интереси”, вели премиерот.
„Истите оние коишто беа против зачленувањето во НАТО, истите тие се против зачленувањето во ЕУ. Тоа што го гледавме во 2008 година во Букурешт, истото го гледаме сега во Брисел, истите политичари, истите политички партии, сега засилени со партијата Левица. Една анти ЕУ, анти НАТО, проруска коалиција, којашто не нуди друга алтернатива, меѓутоа државата повторно сака да ја води во изолација и во статус кво. Она што јас сакам да го кажам е дека нашата коалиција којашто е европска коалиција, нема да се откаже од овој процес на европска интеграција на државата, со оглед на тоа дека ова е процес којшто обезбедува повисок животен стандард на граѓаните, повеќе работни места, подобро владеење на правото, уште подобро владеење на демократијата, којашто во изминатите седум години го унапредивме, на исклучително високо ниво на она што беше до 2016 година и државата да биде дел од европското семејство во 2030 година”, вели Ковачевски за Канал 5.
„Процесот на евроинтеграција на земјата значи заедничко делување на сите политички и општествени чинители, владината коалиција во овој процес одбра да го штити државниот интерес”, вели премиерот.
„Ова не е процес на една поличка партија и не е процес на една Влада. Ова е процес на нашето општество, процес во кој треба да се надминат личните, политички и партиски интереси, во насока на остварување на државните интереси. Јас како претседател на Владата и како претседател на најголемата политичка партија во државата и мојата политичка партија СДСМ и сите коалициони партнери покажавме што значи да се има на прво место државниот интерес, а другите политички партии од опозицијата што значи да се има исклучиво личниот и партискиот интерес пред државата”, вели претседателот на Владата, Ковачевски во интервјуто за Канал 5.