Член на селскиот совет активирал најмалку три бомби во преполна просторија во зградата на локалната власт во Керецки, област Закарпатија, соопшти украинската национална полиција.
Според прелиминарните информации, најмалку едно лице загинало, а 26 се ранети, од кои шест се во тешка состојба, пишува Киев Индипендент.
Не е познато дали службеникот што ги активирал бомбите е ранет или убиен. Полицијата соопшти дека инцидентот се истражува како потенцијален терористички напад. Властите не го соопштија идентитетот на осомничениот сторител, но Украинска правда и други медиуми наведуваат дека станува збор за Серхи Батрин, член на партијата Слуга на народот.
Инаку, состанокот на селскиот совет бил пренесуван во живо на Фејсбук.
Регионалниот медиум „Закарпатија24“ сподели видео од Батрин како се жали на други локални функционери. Медиумот исто така, јави дека Батрин претходно се скарал со колегите кои го поддржале зголемувањето на платата на шефот на селскиот совет и одбиле да застанат на негова страна. Батрин, како што пренесува медиумот, потоа заминал и се вратил со бомби.
Многу Украинци имаат пристап до оружје поради војната со Русија, но сè уште нема докази дека нападот е директно поврзан со конфликтот.