Маричиќ: Се што не се уставни измени направивме, ако продолжи ваквата ситуација ќе бележиме помал успех во реформите

од Radmila Tasevska
225 прегледи

Се што не се уставни измени ние направивме до минатата недела. Прашањето е како да го решиме проблемот за наредната година да немаме ситуација во која уште 10 проценти помалку од граѓаните ќе веруваат во ЕУ, посочи вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој во обраќање денеска за време на промоцијата на „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2023)“ и „ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси – Анализа на јавното мислење за 2023 година“, организирана од  Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, рече дека поделеноста во нашето општество е сериозно поврзана со Европската Унија, нешто што никогаш не било случај во минатото.

-Од јуни укажувавме дека прокај за Украина и Молдавија што ќе има одлука, ќе има и за нас отворање на кластерот 1 и нова меѓувладина конференција, доколку ги направиме неопходните чекори до тогаш. Се што не се уставни измени ние направивме до минатата недела. Го завршивме скринингот, во процедура е консултацијата за доказите и верувам дека таа успешно ќе се заврши и се она што беше бирократски процес ќе го испратиме во Брисел, рече Маричиќ.

Тој потсети дека скринингот успешно беше пофален во Европската Комисија и во извештајот, но тоа е максимумот што може да го направиме без натамошни политички одлуки во Собранието.

-Важно прашање е како понатаму ќе го решаваме овој проблем, затоа што не треба да дојдеме во ситуација во која што уште десет проценти помалку ќе веруваат во ЕУ или ќе бидат против. Важно е дали ќе понудиме јасен план за надминување на оваа ситуација без притоа да мислиме дека е возможно ние да ја промениме ЕУ, додаде Маричиќ.

Како што потенцираше, договорот за собрососедство ни е дел од добрососедски односи, но не е тоа услов за наредната фаза. Услов за наредната фаза, како што рече, се уставните измени.

-Во однос на извештајот, јас никогаш не го гледам ниту сум го гледал како документ кој што треба да даде некаква пресудда. Тоа е оценка и пресек на работите во моментот, особено што ние во моментот покрај тој извештај имаме и среќа да имаме скрининг извештај за првиот кластер кој многу подетално ги анализира и добрите страни и недостатоците. Ние треба да се потрудиме да го тргнеме од маса билатерелното прашање, бидејќи има лажна дилема која и во анкетата ја има, а тоа е дали нашето членство во ЕУ зависи од билатералнето прашање или од реформите – Зависи и од двете. Не може да се исклучат ни едните ни другите, додаде Маричиќ.

Тој потенцираше дека доколку продолжи оваа ситуација и трае со години, ние ќе бележиме помал успех во реформите.

Претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми смета дека сите политичари и партии се одговорни за падот на поддршката за процесот на членство на нашата земја во ЕУ.

-Водејќи грижа за глас повеќе, не водиме грижа за стратешките цели на нашата земја, така расте популизмот и национализмот па и евроскептицизмот. Нема подобра алтернатива од ова сега што се нуди. Знам дека процесот е предолг, од 2001 година, се што е постигнато до денешниот ден е постигнато со блиско партнерство со нашите меѓународни партнери, додаде Адеми во своето обраќање за време на презентација на наодите од истражувањето на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Тој останува на ставот дека ние немаме друга алтернатива освен донесување на уставните измени.

-И јас не би сакал да поминеме низ овој процес на уставните измени, но која е алтернативата? Нема друга алтернатива. Мислам дека политичките партии и ние политичарите сме најодговорни за тоа што поддршката на граѓаните за членството во ЕУ е само 60 проценти. Тоа што се отсликува во извештајот, треба најсериозно да се разгледа од сите институции и од владата, и од Собранието и од Комисијата за европски прашања, додаде Адеми.

Според претседателот на Национален совет за евроинтеграции Александар Николоски, податокот дека младите се најмногу евроскептични е најзагрижувачки.

-Веројатно младата генерација многу појасно ги гледа работите. Речиси 90 проценти сметаат дека би се иселиле во секој случај, што може да ја доведе Македонија во најлоша ситуација, а тоа е членството во ЕУ се гледа како можност за полесно иселување од државата. Нешто што и се случи на Хрватска во скоро време, претходно на Бугарија, Романија, Полска. Во таа насока мислам дека најпогрешната работа што може да ја направат одредени земји членки е да прават семинари на државава за полесно иселување во нивните држави, рече Николоски.

Тој потенцираше дека основната причина зошто не почнуваме преговори е поради високото ниво на криминал и корупција, како и принципот на неказнивост.

-Се брзаше да се потпише Преспанскиот договор на 17 јуни затоа што на 29 јуни имаше состанок на Европски совет, на кој требаше Македонија да добие датум за преговори, но Македонија не доби датум, туку доби три задачи кои до денес ги нема реализирано. Првата е реформа на безбедносните структури, која во пракса не се случи, втората работа беше реформи на јавната администрација која станува се понеефикасна и трета задача беше борбата со високиот криминал и корупција. Овие три задачи континуирано не се спроведуваат, но се потпишуваат договори на принцип „ќе потпишеме што сакате, само не не чепкајте дома“, и тоа не доведе во ситуација соседите да поставуваат услови какви што сакаат, додаде Николоски.

Според истражувањето на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, нивото на поддршка кај граѓаните за членството во ЕУ оваа година е најниско.  Евроскептицизмот, не е во пораст, и поголем дел од граѓаните остануваат неодлучни по ова прашање.

Слични содржини