Вјоса Османи: Србија не му мисли добро на Косово, но подготвени сме за секое сценарио

од Radmila Tasevska
154 прегледи

Претседателката на Косово Вјоса Османи изјави дека Република Косово е свесна за опасностите кои ѝ се закануваат на нејзината безбедност, но дека е подготвена да ги преземе сите неопходни мерки за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното обраќање пред медиумите, по церемонијата на положување заклетва на 17 нови доброволци од САД во Мировниот корпус во Косово, Османи рече дека Србија не ѝ мисли добро на нејзината земја и дека и натаму постои опасност од напад од страна на соседната држава, сличен на оној од 24 септември во Бањска на косовскиот север.

– Секако дека сум секојдневно во контакт со безбедносните институции и истовремено со меѓународните партнери, со цел да се преземат мерки за заштита на Косово, на нашиот територијален интегритет и суверенитет. Србија не ни мисли добро, нејзините планови не се добронамерни, но најважно е дека сме подготвени да одговориме на секое сценарио, рече косовската претседателка.

Таа зборуваше и за средбите со лидерите на опозициските партии во врска со нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, изготвен од посредниците во косовско-српските преговори, и за вчерашното одлагање на средбата со лидерот на Алинсата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, кој си замина од Претседателството и одби да ја чека Османи, со образложение дека доцнеше на средбата која самата ја свика.

– Немаше откажување. Како што соопштија од мојот Кабинет, се работело за минути, прашање на протокол. Секако дека вратата на Претседателството е секогаш отворена, како и досега, со цел да разговараме со опозициските партии, како и да ги земеме предвид нивните позиции и колку што е можно истите да ги вклучиме во институционалните позиции на Република Косово. Секако, кога и да сакаат да се сретнеме, за да ги обединиме ставовите за овие теми кои се важни за граѓаните и за иднината на нашата држава, јас како претседателка на државата сум подготвена, рече Османи.

Слични содржини