Ferrari Atelier го претставува специјалното издание 296 GTB Assetto Fiorano, кое ќе биде произведено во ограничена серија од само пет примероци, оддавајќи почит на триумфалната изведба на „Скудерија Ферари“ на Гран При на Унгарија во 2004 година.
Победата на болидот F2004 со 1-2 на Хунгароринг со возачите Михаел Шумахер и Рубенс Баричело одбележа значаен момент. Оваа победа му овозможи на Ферари да го освои шестиот последователен светски шампионат за конструктори, што го прави достоен за посебна чест. F2004 е еден од најтриумфалните F1 едноседи на Ferrari, постигнувајќи импресивни 15 победи и вкупно 30 подиуми на 20 трки.

Црпејќи инспирација од славната историја на легендарниот тркачки F1 автомобил, дизајнерите на Ferrari Atelier создадоа едноставна, но убава конфигурација за 296 GTB. Надворешноста комбинира трислојна металик Rosso F1 нијанса со Bianco King White акценти. Последново можете да го видите на отворите на браникот, покривот, страничните прагови и задниот дел. Бројот 1 на хаубата потсетува на ерата кога „Скудерија“ владееше со F1.

Специјалното издание е засновано на 296 GTB со пакетот Assetto Fiorano, со преден спојлер од карбонски влакна, комплет мултиматик амортизери добиени од тркачки GT, опционални тркала од карбонски влакна со гуми Michelin Pilot Sport Cup 2 R и сигурносни ремени со 4 каиши во внатрешноста на кабината. Контурите на патеката Хуангароринг и унгарското знаме се на потпирачите за глава, во комбинација со страничните прагови од карбонски влакна.

Нема промени во електрифицираниот погонски систем, кој се состои од 2,9-литарски V6 бензински мотор со двоен турбо и електричен мотор, а комбинираната моќност е 611 kW/830 КС и 740 Nm вртежен момент.
Првиот од петте специјални примероци на Ferrari 296 GTB Assetto Fiorano Hungaroring беше претставен во Будимпешта. Компанијата не ги откри цените, но објави дека сите пет единици се продадени на унгарски купувачи.