Малиот „фолксваген“ чини само 10.000 евра, а „гориво“ му е кујнска сол!

од Vladimir Zorba
1,8K прегледи

Првите испораки на првиот масовно произведен електричен автомобил со натриум-јонска батерија (HiNa) – JAC Yiwei, започнуваат во јануари. Станува збор за мал градски модел чие производство веќе започна во капацитетите на Jianghuai Automobile Group (JAC), производител кој е во заедничка сопственост на „Фолксваген груп“ и кинеската држава.

Yiwei е опремен со цилиндричен пакет HiNa батерии од 25 kWh, кој има густина на енергија од 120 Wh/kg, што е половина од густината на литиум-јонските батерии. Поради нивната внатрешна структура на саќе, тие се познати и како „саќе“ батерии.

Сепак, и покрај навидум малиот капацитет, овие батерии се способни да му овозможат на автомобилот автономија од 252 километри со едно полнење, што би требало да биде доволно за релаксирано градско возење.

JAC Yiwei ќе се продава по цена до 10.860 евра.

Многу експерти веруваат дека натриум-јонската батерија, која користи кујнска сол наместо литиум, ја претставува иднината на електричните автомобили.

Шведските научници од технолошкиот универзитет Чалмерс неодамна ја претставија својата студија во која истакнуваат неколку предности на „солените“ батерии: тие не користат литиум, се поевтини за производство и поиздржливи во зима, додека нивните недостатоци го вклучуваат фактот дека имаат пониска густина на енергија.

Yiwei е нов бренд за мали електрични автомобили под „покривот“ на JAC, основан во 2023 година. „Фолксваген“ го купи својот удел од 50 проценти во 2020 година, а ваквата инвестиција на голем светски производител во кинеска државна компанија се сметаше за потег без преседан, наведува CarNewsChina.

Германскиот автомобилски гигант, инаку, во јули 2023 година инвестираше 700 милиони долари во друг кинески производител на електрични автомобили – Xpeng, со кој доби 5 отсто сопственост во замена за можноста за пристап до нивната платформа E/E Edward за електрични возила. .