Почина Марио Загало, легендата на бразилскиот фудбал

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Марио Загало, легендата на бразилскиот фудбал кој почина во петокот на 92-годишна возраст, ќе остане запаметен како првиот фудбалер кој го освоил Светското првенство како играч, а потоа и како тренер, пренесe АФП.

Со прекарот „Професорот“, Загало одигра клучна улога во четири од петте светски титули освоени од „Селесао“. Како играч освои две светски шампионски титули: во 1958 година во Шведска и во 1962 година во Чиле.

Како тренер, тој потоа ги водеше „Селесао“ до најголемата титула во 1970 година во Мексико и беше помошник тренер за време на освојувањето на титулата светски шампион во 1994 година во Соединетите Американски Држави.

Повторно беше селектор во 1998 година кога Бразил со Роналдо загуби со 0:3 од Франција на „Стад де Франс“ во Париз.

Успехот да ја освои титулата светски шампион како играч и како тренер по него го повторија само Германецот Франц Бекенбауер (во 1974 година како играч и во 1990 година како тренер) и Дидие Дешамп (во 1998 година како играч и како тренер во 2018 година).

Загало, чија статуа се наоѓа пред стадионот Нилтон Сантос во Рио, беше тренер на Кувајт од 1976 до 1978 година, а потоа и во 1989/90 година со Обединетите Арапски Емирати кои ги одведе на нивното единствено Светско првенство каде што играа без него бидејќи беше отпуштен пред турнирот.

Слични содржини