Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими денеска соопшти дека граѓаните на Косово можат да патуваат во Шпанија без визи, бидејќи официјален Мадрид сега ги признава косовските пасоши.
Бислими во објава на Фејсбук изјави дека оваа вест ја соопшти Одделот за миграција и внатрешни работи на Европската унија.
„Како што започна безвизниот режим на 1 јануари, Шпанија е додадена како дестинација на земјите од Шенген зоната до кои можеме да патуваме преку (визната) либерализација, додека претходната пречка беше непризнавањето на нашиот пасош“, напишал Бислими.
Граѓаните на Косово кои имаат биометриски пасоши од 1 јануари можат да патуваат без визи во 27-члената Шенген зона, откако стапи на сила одлуката за либерализација на визниот режим за Косово.
Сепак, безвизното патување првично не беше опција во случајот со Шпанија.
Шпанија е меѓу петте земји на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово, вклучувајќи ги Грција, Кипар, Словачка и Романија. Сепак, споменатите земји ги признаваат патните исправи издадени од властите во Косово.
Визната либерализација им овозможува на граѓаните на Косово кои имаат биометриски пасоши да престојуваат до 90 дена, во рок од шест месеци, во која било од 27-те земји-членки на Шенген зоната.
Безвизното патување е за туристички и семејни посети или слично. Но, визната либерализација не значи работни дозволи или други поволности, пишува Слободна Европа.
Косово е последната земја на Западен Балкан чии граѓани не можеа слободно да се движат во Шенген зоната до 1 јануари 2024 година.
И покрај фактот што од 2018 година, Европската комисија постојано потврдува дека Косово ги исполнило условите за визна либерализација, некои земји постојано изразуваа резерви.