Цената „брент“ достигна 80 долари за првпат годинава поради конфликтот во Црвеното море

од Vladimir Zorba
225 прегледи

Цената на нафтата брент достигна 80 долари за барел за прв пат оваа година во текот на денот, откако САД и Велика Британија почнаа со напади против јеменските бунтовници Хути кои напаѓаат бродови во Црвеното Море.

Според податоците на берзата, цената на нафтата брент денеска во 16 часот благо падна од денешниот максимум на 79.313 долари за барел.

Министерството за финансии на Велика Британија реагираше со креирање на сценарио за идното движење на цените на енергенсите, а едно од нив подразбира зголемување на цената на нафтата за повеќе од 10 долари за барел и зголемување на цената на природниот гас за 25 проценти, пренесува Би-Би-Си.

Владата на Обединетото Кралство е загрижена дека нападите врз бродови во Црвеното Море би можеле да влијаат на кревкиот економски раст на Британија и да ја поттикнат инфлацијата.

Британскиот премиер Риши Сунак рече дека нападите предизвикале „големо нарушување на виталната трговска рута низ Црвеното Море“, но некои експерти веруваат дека ситуацијата засега не е сериозна.

Главниот економист на агенцијата Панмур Гордон, Сајмон Френч, истакна дека цените на енергијата се уште се значително пониски од пред четири месеци.

Банката на Англија ќе донесе одлука за каматната стапка во февруари, а цените на нафтата веројатно ќе бидат околу 20 отсто пониски отколку што беа во есента 2023 година, заклучи Френч.

Слични содржини