Израелскиот амбасадор во ОН го критикуваше Гутереш: „Безбедноста на Израелците не му е важна“

од Stefanija Kuzmanovska
737 прегледи

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, денеска го критикуваше генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш дека ги повикал земјите донатори да „гарантираат продолжување на работата“ на Агенцијата на ОН за помош на Палестинците (УНРВА).

Повикот доаѓа откако Велика Британија, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија и Финска им се придружија на САД, Австралија и Канада во суспендирањето на финансирањето на агенцијата, откако беше откриено дека е покрената истрага против 12 членови на персоналот кои учествувале во нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, кога беа убиени околу 1.200 луѓе.

Ердан рече дека шефот на ОН постојано ги игнорирал „доказите што му биле презентирани нему лично за вмешаноста на агенцијата во поттикнување и тероризам““.

„Секоја земја што продолжува да ја финансира УНРВА пред сеопфатна истрага треба да знае дека нејзините пари може да се користат за тероризам и дека помошта доставена до УНРВА може да стигне до терористите на Хамас наместо до луѓето од Газа“, посочи Ердан на платформата X.

Тој оцени дека генералниот секретар на ОН „уште еднаш докажа дека безбедноста на граѓаните на Израел, всушност и не му е навистина важна“.

Слични содржини