Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди на сериозните последици од победата на Русија во Украина, неколку часа пред неговото заминување во Вашингтон на средба со американскиот претседател Џо Бајден.
Во гостинска колумна во Wall Street Journal, Шолц ги предупреди сојузниците на Украина да не ја намалуваат воената поддршка за земјата, која речиси две години се бори против целосната руска инвазија.
„Нашата порака е јасна: Мора да дадеме се од себе за да ја спречиме Русија да победи. Ако не го сториме тоа, наскоро би можеле да се разбудиме во свет уште понестабилен, заканувачки и непредвидлив отколку што беше за време на Студената војна“, напишал Шолц.
„И покрај нашата поддршка, Украина наскоро би можела да се соочи со сериозен недостиг на оружје и муниција“, предупреди германскиот канцелар, додавајќи дека некои финансиски обврски веќе се истечени, а други треба да се продолжат.
„Долгорочните последици и трошоци од неуспехот да се запре агресијата на рускиот претседател Владимир Путин ќе ги засени сите инвестиции што ги правиме сега“, истакнува Шолц.
Посетата на Шолц на Вашингтон доаѓа во време кога американските републикански претставници во Конгресот ја блокираат натамошната американска помош за Украина. Шолц, исто така, се бори да убеди некои европски партнери да ја зголемат својата помош.
„Не правете грешка: Руската победа во Украина не само што ќе биде крај на Украина како слободна, демократска и независна држава, туку и драматично ќе го промени лицето на Европа“, подвлече Шолц.
„Тоа ќе му нанесе сериозен удар на либералниот светски поредок. Бруталниот обид на Русија да заземе територија со сила може да послужи како план за другите авторитарни лидери ширум светот“, предупреди германскиот канцелар.