Израел нареди дополнителна евакуација од градот Газа

од Radmila Tasevska
196 прегледи

Израел денеска нареди дополнителна евакуација од градот Газа.

Израелската армија нареди евакуација на населбите Зајтун и Туркоман на југот на градот, што, како што пренесуваат странските агенции, е показател дека палестинските милитанти на Хамас продолжуваат да пружаат силен отпор на северот на Појасот Газа, иако имало уверување од Тел Авив во изминатите недели дека тој дел од територијата во голема мерка беше „исчистен“.

Според жителите, во изминатите два дена на истокот од градот имало бомбардирања и копнени борби.

„Ситуацијата е многу тешка. Заробени сме во нашите домови“, рече Ајман Абу Авад, кој живее во Зајтун.

УНИЦЕФ претходно објави студија која покажа дека секое шесто дете е акутно неухрането во изолираниот и во голема мера уништен север од Појасот Газа.

Израел вети дека ќе ја прошири својата офанзива кон Рафа, најјужниот град на палестинската територија, каде што повеќе од половина од населението во Газа од 2,3 милиони побегнало од почетокот на војната.

Рафа е град во близина на границата со Египет и таму живеат многу бегалци во населби со шатори и засолништа на ОН.

САД, главниот сојузник на Израел, работат со Египет и Катар за да посредуваат во постигнувањето договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Слични содржини