Советот на ЕУ денеска одлучи да ги продолжи рестриктивните мерки против Белорусија за една година поради репресијата во таа земја и поддршката на Минск за руската војна во Украина.
Како што соопшти Советот, одлуката е донесена врз основа на годишниот преглед на рестриктивните мерки и со оглед на континуираната репресија и драстичното влошување на состојбата со човековите права во Белорусија, како и постојаното вклучување на земјата во руската агресија врз Украина.
Од август 2020 година, ЕУ воведе неколку последователни рунди на поединечни и секторски санкции за одговорните за репресијата и кршењето на човековите права во Белорусија.
Со ова ЕУ, според Советот, испратила сигнал до одговорните политички и економски актери дека нивните постапки и поддршка на режимот во Русија имаат цена.
Индивидуалните рестриктивни мерки вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за ставање на располагање средства. Поединци дополнително подлежат на забрана за патување.
Во моментов на листата на санкционирани има 233 лица, меѓу кои и белорускиот претседател Александар Лукашенко и 37 ентитети.
Белорусија, исто така, ќе продолжи да биде предмет на насочени економски санкции, вклучувајќи ограничувања на финансискиот сектор, трговијата, стоките со двојна употреба, технологијата и телекомуникациите, енергијата, транспортот итн.