Климатските промени би можеле да ги загрозат водните ресурси на Европската унија и со тоа да предизвикаат конфликти меѓу членките на блокот, пренесува „Политико“, повикувајќи се на протечено соопштение на Европската комисија.
Следната недела ЕК ќе ги предупреди членките на ЕУ за зголемените ризици од климатските промени, пишува „Политико“. Брисел, наводно, верува дека ЕУ не сторила доволно за да го реши овој проблем и ќе ги повика членките да ги забрзаат подготовките за борба против глобалното затоплување.
Документот на ЕК го идентификува недостигот пд вода како еден од најголемите ризици со кои се соочува Унијата.
„Недостигот од вода го загрозува речиси секој аспект од животот и може да предизвика трка за снабдување во ЕУ,“ предупредуваат претставници на унијата.
„Овие ризици може да се манифестираат во различни форми, вклучително и преку зголемена конкуренција за водните ресурси во сите сектори, како и потенцијален ризик од конфликт во и меѓу земјите-членки околу прекуграничните водни ресурси“, се наведува во документот цитиран од Политико.
Додека зелените политики на ЕУ се соочуваат со реакции во блокот, притисокот врз водните ресурси расте поради залестените екстремни временски настани како што се обилните дождови, што доведуваат до поплави, и сушите што доведуваат до недостиг на вода, се вели во соопштението.
Во извештајот се предупредува на деструктивното влијание на климатските промени врз економиите на ЕУ и се додава дека некои земји-членки веќе минуваат низ конфликти околу водата. Недостигот од вода претходно годинава предизвика спорови меѓу регионите во Шпанија
Во услови на најлошата суша во својата историја, Каталонија минатиот месец се обиде да ја убеди владата во Мадрид да ја пренасочи водата од соседниот Арагон преку реката Ебро. Во Франција, климатските активисти минатата година се судрија со полицијата на протестите против изградбата на резервоари за вода за големите земјоделци, посетува „Политико“.
Европската комисија, наводно, проценува дека влошувањето на климатските влијанија може да го намали економското производство на ЕУ за 7 отсто до 2100 година. Ризиците поврзани со водата, како што се поплавите, може да предизвикаат годишна штета во Унијата од 1,6 трилиони евра.
„Отпорот на климатските промени е прашање на конкурентноста на економијата и компаниите, а со тоа и на работните места. Тоа е прашање на економскиот опстанок на руралните и на крајбрежните области, земјоделците, шумарите и на рибарите“, се наведува во документот.
Европската комисија истакна дека, дури и со одредени мерки, управувањето со глобалното затоплување во блокот не е доволно за да обезбеди „разумна гаранција“, се посочува во нејзиниот документ.
Таа предупредува и дека ЕУ во иднина може да се соочи со повеќе „катастрофи“ поврзани со климатските промени како што се суши, поплави, шумски пожари, болести, неуспешни посеви, смртни случаи поради жештините, оштетувања на инфраструктурата и структурни промени во животната средина.