Бројот на нови барања за азил во Германија значително се намали во февруари, пренесува ДПА.
Со 19.494 барања поднесени прв пат, бројот е за 18,9 отсто помал во споредба со февруари 2023 година и за 26,1 отто помал од јануари, објави во четвртокот Федералната канцеларија за миграција и бегалци во Нирнберг.
Во јануари и февруари 2023 година, вкупно 54.333 лица прв пат поднеле барање за азил во Германија. Во јануари и февруари годинава нивниот број бил 47.090, информираат оттаму.
Февруарскиот број на апликации поднесени првпат е најмал во рамките на еден месец од септември 2022 година.
Трите главни земји на потекло на азилантите – Сирија, Авганистан и Турција – сочинуваат околу три петтини од барањата за азил поднесени во 2024 година. Бројот на баратели на азил од Сирија кои прв пат аплицираат бил 14.024, што е намалување од 12,8% во споредба со лани.
Барањата за азил за прв пат од Авганистанци се намалиле за 38,9 отсто во првите два месеци од годинава – од 10.924 на 6.679 – додека барањата за азил од жители на Турција се зголемиле од 6.809 лани на 7.649, што претставува зголемување од 12,3 отсто.
Според Федералната канцеларија, досега годинава, 2.786 од барателите на азил кои прв пат поднесуваат барање (5,9%) биле деца родени во Германија. Се на се, вкупната стапка на прифаќање на барањата за азил во првите месеци од 2024 година е 45 отсто, што значи дека повеќе од половина од барањата за азил биле одбиени.