Турбулентно во БиХ: Република Српска одлучно ќе му одговори на Шмит

Дури и да дојдат до заклучок, ниту Уставот на БиХ ни уставот на Република Српска не го признаваат високиот претставник како некој што може да се меша во законодавниот процес, истакна Нешиќ

од Бети Божиноска
221 прегледи

Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, наводно веќе подготвил одлука со која ќе се измени изборниот закон на земјата во делот што се однесува на интегритетот на изборниот процес и спречувањето на изборна кражба, пишуваат сараевските медиуми/

Како што претходно најави Шмит, во случај босанските политичари да не се договорат за ова прашање, тој ќе наметне измени во Изборниот закон.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, од друга страна, најави дека РС ќе донесе сопствен изборен закон ако Шмит наметнува одлука за измени на Изборниот закон на БиХ. Во вербалната препирка со мешународната заедница вчера се вклучи и министерот за безбедност во Советот на министри на БиХ, Ненад Нешиќ, пренесува српски „Курир“.

„Секое наметнување е во директна спротивност со европската перспектива на Босна и Херцеговина. Прво, немаме никаков висок претставник бидејќи г-дин Шмит не беше назначен во согласност со Анексот 10 од Дејтонскиот мировен договор. Дури и да дојдат до заклучок, ниту Уставот на БиХ ни уставот на Република Српска не го признаваат високиот претставник како некој што може да се меша во законодавниот процес,“ истакна Нешиќ.

Тој му изрази поддршка на Додик, кому во моментов му се суди:

„Сакам да му изразам поддршка на господинот Додик бидејќи тој се бори за Република Српска и за српскиот народ. Овој судски процес, кој се одржува во Сараево, е судење на Република Српска и на српскиот народ. Никаде во светот законите не се носат од поединци туку од избрани претставници, а на Додик му се суди врз основа на закони донесени од поединец. Таму не можеме да зборуваме за каква било демократија. Му порачувам на господинот Шмит во никој случај да не наметнува изборен закон, бидејќи во спротивно Република Српска ќе треба да одговори и ние ќе го донесеме нашиот закон, а тој не може да се клонира и да биде на секое изборно место, “ посочи Нешиќ.

Слични содржини