Францускиот парламент ќе гласа за стратегијата на Макрон за Украина

Премиерот Габриел Атал ќе ја почне дебатата во Долниот дом на Националното собрание околу 16:30 часот, а гласањето се очекува околу 20:00 часот.

од Бети Божиноска
229 прегледи

Во време кога беснеат политички тензии во пресрет на изборите за Европскиот парламент во јуни,  Долниот дом на францускиот парламент ќе ја стави на симболично гласање вечерва стратегијата на францускиот претседател Емануел Макрон за Украина , пренесува „Франс24“.

По дебата, Долниот дом на Националното собрание ќе одржи необврзувачко гласање за стратегијата на владата за Украина, меѓу другото и за билатералниот безбедносен договор потпишан од Макрон и од украинскиот лидер Володимир Зеленски минатиот месец.

Премиерот Габриел Атал ќе ја почне дебатата околу 16:30 часот, а гласањето се очекува околу 20:00 часот.

Иако гласањето ќе биде симболично, тоа ќе им даде можност на политичките партии јавно да ги изразат своите позиции во однос на стратегијата на Макрон за конфликтот додека руската инвазија на Украина се протега во третата година.

По средбата на Макрон со партиските лидери минатата недела, дел од нив рекоа дека ставот на претседателот за Украина предизвикал загриженост кај нив.

Со поддршка на конзервативната Републиканска партија (ЛР), исходот од гласањето може да понуди поддршка за стратегијата на Макрон. Екстремно десничарскиот Национален митинг (РН), кој со голема разлика води во анкетите пред сојузот на Макрон пред изборите во јуни, ќе се воздржи од гласање, изјави денеска нејзиниот 28-годишен лидер Џордан Бардела.

Во изјава за „Франс 2“, тој ги наведе „црвените линии“ вклучувајќи го испраќањето западни копнени трупи, што Макрон одби да го отфрли како опција, и можноста за членство на Украина во НАТО и во ЕУ.

„Мора да бидеме многу внимателни. Да за поддршка на Украина, но не за војна со Русија,“ нагласи Бардела.

Во поларизираниот политички пејзаж во Франција, руската војна против Украина се појави како жешка тема. Макрон се обидува да ја истакне важноста од поголема поддршка за Украина, на која ѝ снемува муниција, инсистирајќи дека загрозена е безбедноста на Европа.

Сојузниците на Макрон изминатиот викенд го критикуваа екстремно десничарскиот РН на почетокот на нивната европска изборна кампања, обвинувајќи ги за предавство на интересите на Франција и Европа и за флертување со рускиот претседател Владимир Путин.

Горниот дом на Сенатот требаше да одржи слични дебати в среда.

Зборувајќи за француската телевизија BFM TV во понеделникот, Зеленски рече дека нема потреба од француски копнени трупи во неговата земја се додека „Украина држи“.

„Вашите деца нема да умрат во Украина“, рече тој.

 

 

Слични содржини