ЕУ воведува голема промена во однос на сообраќајните казни – веќе нема да може да се избегнат

од Симе Стоиков
268 прегледи

Претставниците на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент постигнаа привремен политички договор за директива која треба да го олесни спроведувањето на казните за возачите кои ќе сторат сообраќајни прекршоци во друга земја-членка.

Привремениот политички договор, кој допрва треба да биде потврден од Советот и Парламентот за да стане закон, се однесува на измената на директивата од 2015 година за прекугранична размена на информации за прекршоци во сообраќајот на патиштата.

„Ревидираниот закон ќе обезбеди еднаков третман за сите возачи во ЕУ без разлика на нивната националност“, рече белгискиот министер за мобилност Жорж Гилкинет.

Новата директива сега освен најчестите и најсериозните прекршоци како што се брзо возење или возење под дејство на алкохол и дрога, ќе опфати и други прекршоци.

Тие вклучуваат неодржување безбедно растојание меѓу возилата, игнорирање за забрана за претекнување, опасно претекнување, прекршување на паркирањето, како што се паркирање премногу блиску до раскрсница или пешаки премин, преминување на полна бела линија, возење во погрешна насока, непочитување на правилата на коридорот за итни случаи, или користење на преоптоварено возило.

Откако новите правила ќе бидат официјално усвоени, земјите-членки ќе имаат рок од две и пол години да ја транспонираат директивата во нивното национално законодавство.

Слични содржини