Висар Имери: Формирањето на ЗСО е решение за динарот на Косово

Имери смета дека указот на ЦБК за укинување на динарот само создал „дополнителни проблеми“ и дека владата во Приштина се обидува да го реши проблемот без формирање на ЗСО.

од Бети Божиноска
277 прегледи

Политичкиот аналитичар и извршен директор на Институтот за социјална политика во Приштина Висар Имери, оценува дека прашањето за динарот може да се реши со формирање на Заедницата за општини со мнозинско српско население на Косово, потсетувајќи дека Приштина го прифати нацрт-статутот на ЗСО што го предложи „големата петорка“, а во кој се споменува дека прометор на пари ќе се врши преку Централната банка на Косово (ЦКБ), пренесува „Радио Слободна Европа“.

Имери смета дека указот на ЦБК за укинување на динарот само создал „дополнителни проблеми“ и дека владата во Приштина се обидува да го реши проблемот без формирање на ЗСО.

Имери вели дека во дипломатските кругови често се зборува дека „Косово не го исполнува ветувањето кое беше предуслов за независност, а тоа е односот со заедниците“ и посочува дека сите критики од меѓународната заедница во однос на прашањето за динарот му штетат на Косово.

„Безбедноста на Косово зависи од Западот. Косово зависи од Западот поради својот меѓународен субјективитет. И јасно е дека овие западни партнери нема да имаат волја ни ентузијазам да му помогнат на Косово, особено не во меѓународната субјективизација, ако Косово го има овој пристап“, вели Имери за „Радио Слободна Европа“.

По острите критики од меѓународната заедница, косовските власти соопптија дека ќе има т.н. преоден период за примена на уредбата, но од ЦБК напоменаа дека тој период не може да трае подолго од три месеци.

Од средината на февруари е отежната исплатата на примањата на Србите поради недостигот од динари зашто, врз основа на уредбата на ЦКБ, збранет е увозот на српската валута.

Имери смета дека косовската влада на чело со премиерот Албин Курти ќе „попушти“ под притисокот на меѓународната заедница и „без збор“ ќе се откаже од укинувањето на српскиот динар, но ќе се обиде да избегне дискусија на таа тема бидејќи Курти сака да создаде слика за власт „која се бори против сите паралелни структури на Србија“.

Косово нема посебен закон со кој се дефинира употребата на националната валута, но постои регулатива во која се прецизира дека тоа е еврото. Уставот на Косово предвидува како платежно средство да се користи „единствена валута“, но не прецизира која.

Слични содржини