Во крематориумот во Мирогој денеска беше одржан погребот на Костадинка Велковска, хрватска театарска, телевизиска и филмска актерка и пејачка со македонско потекло.
Членовите на семејството, колегите и пријателите дојдоа да се простат од актерката. Меѓу другите, Горан Гргиќ, Славко Јурага, Весна Шкаре-Ожболт, Борко Периќ…
Костадинка во јули минатата година доживеа мозочен удар, по што беше на интензивна нега во КБЦ Загреб. После тоа се прошири лажна вест дека актерката починала, но тогаш нејзината снаа ја демантираше веста. Нејзиниот син Никола Подкрајац на почетокот на годината изјави дека Костадинка била во загрепски дом за стари лица, каде што починала.
Актерката имаше богата кариера. Родена е 1948 година во Скопје, од каде во 1968 година дошла во Загреб да студира глума. По завршувањето на студиите, глумела две години во театарот во Дубровник, а потоа дошла во Загреб во Керемпух (тогаш Јазавац), каде што работела до пензионирањето.