За излегување на Црна Гора од НАТО алијансата би гласале 44 отсто од граѓаните на Црна Гора, додека за останување на земјата во оваа алијанса би гласале 46 отсто од граѓаните, покажува извештајoт на НАТО за 2023 година кој вчера беше претставен во седиштето на алијансата, пишува подгоричка „Побједа“..
Тоа значи дека бројот на црногорски граѓани кои би ја напуштиле алијансата е зголемен за 12 отсто, се вели во извештајот.
Податоците од извештајот покажуваат дека мнозинството граѓани на земјите-членки на НАТО на референдум би гласале нивната земја да остане членка на алијансата (66 отсто), што е намалување во однос на истиот период лани, кога 70 отсто од граѓаните го поддржале останувањето во алијансата.
Во однос на претходниот извештај, бројот на оние кои би го напуштиле НАТО е зголемен за 12 отсто, додека бројот на поддржувачи е намален за два отсто.
Дека НАТО ја намалува можноста странска нација да ја нападне Црна Гора веруваат 46 отсто од испитаниците во земјата додека 33 отсто сметаат дека тоа не е така. И овие податоци укажуваат на промена во однос на лани, кога на првото прашање потврдно одговориле 55 отсто од граѓаните, а негативно 31 отсто.
Презентирајќи го извештајот вчера, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека светот станал поопасен, но дека НАТО станал посилен.
„Податоците се јасни: јавната поддршка за НАТО е исклучително силна од двете страни на Атлантикот. Кога гласањето би се одржало денеска, огромното мнозинство граѓани низ сојузничките земји би гласале за НАТО. На пример, во САД само 13 отсто би гласале против,“ изјави Столтенберг на прес-конференцијата во Брисел.
Тој посочи дека повеже од 80 отсто од граѓаните веруваат дека Северна Америка и Европа мора да продолжат да работат заедно за нашата заедничка безбедност.
„Затоа, во целата Алијанса, поддршката за НАТО останува цврста. Граѓаните на НАТО, исто така, продолжуваат да изразуваат силна солидарност со храбрите Украинци. Низ Алијансата, две третини од луѓето сакаат нивната земја да продолжи да ја поддржува Украина. Ова е важно, бидејќи сојузниците од НАТО обезбедуваат 99 отсто од вкупната воена помош,“ рече Столтенберг.
Според последниот извештај, Црна Гора лани за одбрана издвоила 106 милиони евра, што е за 24 милиони повеќе од претходната година. Извештајот покажа дека Црна Гора троши 128 долари по жител за одбрана.