Индиските поморски сили, вклучително и специјалните командоси МАРКОС, заплениле товарен брод што бил киднапиран од сомалиски пирати, спасувајќи притоа 17 члена на екипажот, изјави вчера портпаролот на морнарицата, пренесува „Ројтерс“,
Бродот бил киднапиран лани од сомалиски пирати кои го користеле како матичен брод, а 40-часовната операција довела до ослободување на 17 морнари и апсење на 35 пирати.
Морнарицата во објава „Х“ соопшти дека сите 35 пирати на товарниот брод „Руен“, кој пловел под знаме на Малта, , се предале, а бродот бил проверен за присуство на нелегално оружје, муниција и шверцувана стока.
Иако плови под малтешко знаме, „Руен“ е брод во бугарска сопственост и осум од неговите осумнаесет члена на екипажот во времето кога бил киднапиран минатата година се Бугари. Заменик-капетанот бил пуштен од здравствени причини и се вратил во Бугарија.
Веста ја потврди бугарската министерка за надворешни работи, Марија Габриел, доцна синоќа, и рече дека нејзините сонародници сега се на индискиот воен брод.
Бродот „Руен“ можеби бил користен како база за преземање на еден товарен брод кој пловел под знамето на Бангладеш во близина на брегот на Сомалија претходно неделава, соопштија поморските сили на Европската Унија.
Indian Navy & elite MARCOS (Marine Commandos) in a 40-hour long ops, saved all 17 crew, onboard MV Ruen from Somalian pirates, 2600kms away from mainland.
The ship had been hijacked by Somali pirates who were using it as a mother ship. All 35 pirates captured. pic.twitter.com/Qb9xHY9cBU
— Megh Updates 🚨™ (@MeghUpdates) March 17, 2024
Киднапирањето на „Руен“ беше првото успешно преземање на брод во кој учествуваа сомалиски пирати од 2017 година, кога силниот притисок од страна на меѓународните морнарици спречи бран обиди за запленувања во Аденскиот Залив и во Индискиот Океан.
Сомалиските пирати цела деценија предизвикуваа хаос во важните глобални водни патишта, но беа во мирување до обновувањето на нападите што почнаа кон крајот на минатата година.
Индија распоредува најмалку десетина воени бродови источно од Црвеното Море за да ја осигура безбедноста од пиратите додека западните сили се фокусираат на нападите на јеменските Хути поддржани од Иран.
Најмалку 17 инциденти на киднапирање, обиди за киднапирање и сомнителни приближувања биле регистрирани од страна на индиската морнарица од 1 декември, претходно соопштија индиските власти.