Трамп не може да најде 464 милиони долари за гаранција во случајот со измама во Њујорк

Поранешниот претседател мора или да го плати целиот износ во готово или да обезбеди гаранција за да продолжи со жалбената постапка.

од Бети Божиноска
354 прегледи

Доналд Трамп не може да најде приватна компанија што ќе му биде гарант за 464 милиони долари што му беше наредено да ги плати во случајот за граѓанска измама во Њујорк, пренесува „Политико“.  Поранешниот претседател мора или да го плати целиот износ во готово или да обезбеди гаранција за да продолжи со жалбената постапка.

Адвокатите на Трамп денеска посочија рекоа дека обезбедувањето гаранција од таа големина е „практично невозможно“.  За определена сума, компанија за кауции може да му го гарантира целиот износ на судот во Њујорк. Тие потоа ќе мора да платат ако Трамп ја изгуби жалбата и не може самиот да го стори тоа.

Тимот на г- Трамп поминал „безброј часови преговарајќи со една од најголемите осигурителни компании во светот“, напишаа адвокатите во судската пријава, но заклучија дека „многу малку компании за кауција би размислиле за гаранција со таа големина“.

Адвокатите велат дека безуспешно се обратиле до 30 компании.

Двата најстари синови на Трамп, исто така, мора да платат милиони долари во случајот.

Освен казната, њујоршкиот судија Артур Енгорон му забрани на Трамп да води бизнис во државата во период од три години откако откри дека поранешниот претседател лажно ја зголемил вредноста на имотот за да обезбеди подобри договори за заеми.

Судијата ја паузираше забраната за бизнис на Трамп минатиот месец, но ја одби неговата понуда да обезбеди помал износ за гаранција, 100 милиони долари, за покривање на казната.

Правната ситуација без пресдан на Трамп го отежнува предвидувањето на следните чекори, вели поранешната федерална обвинителка Дијана Флоренс, која исто така рече дека казни од овој размер обично се наметнуваат на големи компании.

Њујоршкиот јавен обвинител вети дека ќе го заплени имотот на Трамп ако тој не ја плати пресудата за измама. Има и камата за казната што му виси над главата, а која изнесува најмалку 112.000 долари дневно додека не плати.

„Тој се соочува со многу реална можност јавниот обвинител да започне да ги ликвидира [неговите средства] и навистина зависи од тоа дали судот е подготвен да му даде повеќе време“, вели Флоренс.

Според проценката на „Форбс“, Трамп вреди околу 2,6 милијарди долари. Тој, исто така, лани сведочеше дека има ликвидни средства од 400 милиони долари.

Но, пресудата од 464 милиони долари не е негов единствен трошок. Нему му беше наредено да плати 83 милиони долари во јануари, откако го загуби случајот за клевета од Е. Џин Керол, жена за која беше откриено дека сексуално ја злоставувал. Тој веќе плати гаранција во тој случај.

Слични содржини