Тимоти Шаламе се прослави со улогата во драмата „Call Me By Your Name“ од 2017 година, а во период од само седум години стана најбараниот млад актер во Холивуд. Неговите успеси се нижат еден по друг, а според порталот „Дексерто“, Шаламе штотуку го соборил рекордот што го држел само еден актер пред него.
Имено, благодарение на главните улоги во филмовите „Dune: Part Two“, кој беше премиерно прикажан на почетокот на месецот и „Вонка“, чија премиера беше во декември, Шаламе се појави во два блокбастери по ред, пренесува „Индекс“.
Пред него тоа му успеа само на Џон Траволта, најбараниот актер од 70-тите години. Во декември 1977 година, Траволта се појави во светскиот хит „Треска на саботната вечер“, а шест месеци подоцна ја игра главната улога во мјузиклот „Брилијантин“, кој многумина го сметаат за најдобар филмски мјузикл на сите времиња.
„Треска на саботната вечер“ заработи над 237 милиони долари од продажбата на бокс-офисот, додека „Брилијантин“ заработи повеќе од 366 милиони долари. Трошоците за снимање на овие два филма изнесуваа помалку од десет милиони долари.
Мјузиклот „Вонка“ на Шаламе заработи 628 милиони долари, додека „Dune: Part Two“, кој се уште се прикажува во кината, досега има заработено 498 милиони долари. Експертите предвидуваат дека вториот дел од „ Dune“ би можел да достигне приход од милијарда долари.
По два блокбастери по ред, Тимоти Шаламе моментално го снима биографскиот филм „A Complete Unknown“, базиран на животот на Боб Дилан.