Во интервју за ТВ 21 министерката за одбрана Славјанка Петровска посочи дека Армијата во последните години, преку професионална посветена работа успеала да стане една од институциите со прилично висока доверба кај граѓаните.
„Довербата од јавноста кон одбраната е на високо ниво од неколку причини. Прво затоа што Армијата во последните години избегнува да биде дел од какви било скандали. Второ, затоа што секогаш кога било потребно било каков вид на асистенција на цивилните институции, Армијата тоа го правела, знаете како беше во времето на ковидот, секогаш кога има вонредна состојба, елементарни непогоди и слично и тука Армијата секогаш била на потребното ниво“ посочи таа.
Петровска додаде дека во изминатите години постојано се инвестира во модернизација на Армијата заради што таа е гарант на безбендоста во државата, но и заради унапредување на целите и способностите дадени од НАТО.
„Нашите одбранбени капацитети ги развиваме, ги модернзираме и врз база на тоа што се наши декларирани НАТО способности. Тој пакет на цели и способности кој на Република Северна Македонија и бил даден по нејзиното пристапување во Алијансата и кој ние во одреден временки период треба да го исполниме и ние на тоа постојано работиме“ рече Петровска, додавајќи дека ако ВМРО-ДПМНЕ за сите години власт наместо во барок и споменици, инвестирала стотици милиони евра во одбраната, сега Армијата ќе била далеку подобро подготвена и опремена.