Русија рано утринава изврши ракетен напад врз украинската престолнина Киев, во кој беа повредени осум лица, а беа оштетени станбени згради и индустриски објекти, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.
Тоа беше првиот голем ракетен напад врз Киев во последните недели.
Кличко на Телеграм рече дека единиците за противвоздушна одбрана го одбиле нападот и дека фрагменти од проектили паднале во различни делови на градот.
„Веќе има осум повредени како резултат на нападот на непријателот“, рече Кличко.
Тој додаде дека остатоците од соборениот руски проектил погодиле неколку станбени згради, индустриски објекти и градинка.
„Службите за итни случаи се на терен во различни делови на главниот град и гаснат неколку пожари“ рече Кличко.
Руски проектил погоди индустриска област во северниот украински град Харков доцна синоќа, при што загинаа најмалку пет лица, а осум беа повредени, додека предизвика голем пожар во печатница, соопштија локалните власти.
Градоначалникот Игор Терехов изјави дека уште пет лица се водат како исчезнати по нападот.