Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека изјавите на претставници на одредени членки на НАТО за испраќање воени трупи во Украина го зголемуваат ризикот од нова светска војна.
– Во ваква критична ситуација не се важни само постапките, туку и зборовите се од големо значење. Затоа, кога станува збор за изјавите за можноста за испраќање војници во Украина во име на одредени земји-членки на НАТО, тоа е навистина опасно, бидејќи не сакаме да ја видиме таа закана и застрашувачкиот ризик од избувнување на светска војна што се приближува – изјави Сијарто.
За време на состанокот со опозициските лидери на почетокот на март, францускиот претседател Емануел Макрон повтори дека Франција „нема граници и црвени линии“ кога станува збор за помошта на Украина, што вклучува потенцијално испраќање копнени трупи.
Неговите зборови беа остро критикувани од бројни партнери во НАТО, меѓу кои и Германија, како и политичките партии во Франција.
Лидерите на сите политички партии го обвинија Макрон дека го вовлекува Париз во конфликтот, дека е несериозен, а исто така му се замери дека не се консултирал со парламентот за овие прашања.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и министерот за одбрана Борис Писториус изјавија дека Берлин нема да испрати свои војници во Украина, а Шолц нагласи дека земјите од НАТО како целина нема да го сторат тоа.