Криза во Интерпол: Исчезнати досиејата на највисоките полициски функционери во Европа

Чувствителните хартиени датотеки на Одделот за човечки ресурси на Европол се чуваат заклучени во сеф, во просторија ограничена за персоналот со ограничен пристап, а многу малку луѓе ја знаат лозинката на сефот.

од Бети Божиноска
246 прегледи

Полициската агенција на Европската Унија (Европол) е погодена од голема криза откако исчезнаа чувствителните досиеја на највисоките полициски функционери, пишува „Политко“.

Според интерната белешка до која имал пристап „Политико“, тие чувствителни податоци, кои се чуваат под клуч во седиштето на Европол во Хаг, исчезнале во септември минатата година, а меѓу досиејата што недостасуваат се и печатените досиеја на извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол, нејзините тројца заменици и други високи функционери.

Чувствителните хартиени датотеки на Одделот за човечки ресурси на Европол се чуваат заклучени во сеф, во просторија ограничена за персоналот со ограничен пристап, а многу малку луѓе ја знаат лозинката на сефот.

„На 6 септември 2023 година, раководството на Европол беше информирано дека исчезнале личните досиеја на неколку членови на персоналот на Европол“, се наведува во белешката.

Во неа се додава дека оттогаш се обидуваат да утврдат како се случило тоа.

„Со оглед на улогата на Европол како агенција за спроведување на законот, исчезнувањето на личните досиеја на членовите на персоналот претставува сериозен инцидент на нарушување на безбедноста и личните податоци“, се вели во белешката.

„Политико“ потсетува дека Европол е една од најголемите агенции на ЕУ, која ги координира големите меѓународни истраги и операции со националните полициски власти и со партнерите како Интерпол и американското ФБИ.

Медиумот наведува и дека дел од исчезнатите досиеја повторно се појавиле откако еден граѓанин ги нашол оставени на јавно место во Хаг и ги однел во локалната полициска станица. Портпаролот на хашката полиција, Стивен ван Сантен, изјави дека полицијата е вклучена во некои детали поврзани со тековната внатрешна истрага во Европол.

Досиејата што недостасуваат може да содржат информации за апликацијата за работа на службеникот, релевантната обука, датум на раѓање, брачен статус, издржувани лица, моментална адреса и други редовни информации.

Неименуван извор на „Политико“ наведува дека по инвидентот, шефот на Одделот за човечки ресурси во „Европол“, Максимилијано Бетин, е ставен на неопределено административно отсуство.

Бетин, кој претходно беше главен маршал во полициските сили на Италија, беше началник на Одделот за човечки ресурси во Европол од 2016 година. Агенцијата има повеќе од 1.400 вработени. Според официјалните лица, една теорија е дека досиејата можеле да бидат земени за да му се наштети на Бетин, во контекст на внатрешни конфликти во агенцијата.

За инцидентот биле известени и Европскиот супервизор за заштита на податоци (ЕДПС), како и членовите на персоналот чии досиеја се исчезнати, се вели во интерната белешка. Во изјавата за „Политико“, ЕДПС рече дека не може да коментира „во оваа фаза за тековните случаи“.

Слични содржини