Парламентот на Индонезија во четвртокот одреди специјален статус за Џакарта, задржувајќи ја метрополата како економски епицентар на земјата, поради плановите за преместување на главниот град на островот Борнео, пренесува „Ројтерс“.
Индонезија планира да го премести главниот град подалеку од преполната Џакарта – која тоне – во Нусантара, град во изградба во џунглите на Источен Калимантан на Борнео, вреден 32 милијарди долари.
Нусантара е клучен проект на претседателот во заминување, Јоко Видодо, кој вети дека ќе го прераспредели богатството и развојот – кои во моментот се сконцентрирани во Јава- низ целиот архипелаг.
Според новиот закон од 18 март, кој кој имал увид Ројтерс, ќе биде создаден совет за „агломерација“ за да ги усогласи плановите за развој меѓу Џакарта и нејзините сателитски градови.
Министерот за внатрешни работи, Тито Карнавијан, по расправата во парламентот истакна дека откако седиштето на владата ќе биде преместено во Нусантара, Џакарта сепак треба да се подобри за да се натпреварува со другите „градови од светска класа“.
„Бидејќи веќе не е главен град, сè уште треба да биде заштитен со специјален статус за да може да го забрза економскиот раст и да го зголеми придонесот во БДП на земјата“, рече Карнавијан.
Според сегашните правила, Џакарта ќе остане главен град на Индонезија додека претседателот не издаде декрет за официјално именување на Нусантара за нов главен град, што се очекува подоцна годинава. Се очекува владата да ја одржи церемонијата на Денот на независноста, на 17 август, во Нусантара, а се очекува и илјадници државни службеници да се преселат таму до крајот на оваа година.