Соработката со граѓанското општество мора засилено да продолжи со цел постигнување на целта за приклучање во Европската Унија, усогласување на системот по европски норми и спроведувањето на реформите. Не се откажуваме од иднината на оваа држава, нашата иднина е во Европа и убеден сум дека заеднички тоа скоро ќе го постигнеме.
„Граѓанското општество е без дилема значаен дел од нашето општество. Борбата за човекови права, владеење на правото, заштита на правата на малцинските групи, слободата на говорот и делувањето, транспарентноста и отчетноста на институциите, партиципацијата и инклузијата во процесите на креирање на политики, како и европските перспективи и членството во ЕУ се наши приоритети и темелни вредности,“ истакна првиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Ова се заложбите, како што посочи Маричиќ, од неговата денешна средба со претставници на граѓански организации насловена „Соработка и дијалог со граѓанското општество – состојби и перспективи“.
„Оваа влада, внимателно ги разгледуваше анализите, мислењата и ставовите на граѓанскиот сектор, особено оние што нè критикуваат. Ова е дел од дијалогот кој го водиме и кој мора да продолжи во иднина. Посветеноста и анализите на граѓанските организации се интегрирани во реформските политики на владите на СДСМ во изминатите седум години,“ рече Маричиќ.
Тој нагласи дека уделот на граѓанското општество бил од клучно значење во приготвувањето и прифаќањето на стратегиите и законите во области како антикорупција, антидискриминација, социјална и здравствена заштита, транспарентност, отчетност и отвореност на институциите, реформата на правосудниот систем и јавната администрација, како и политиките на промоција на мултикултурализмот и интеграцијата во ЕУ.
На денешната средба, Маричиќ подвлече дека биле зацртани следните планови и ветувања за кои се заложуваат од кои клучни се три: континуираното работење на независен, репрезентативен, оперативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации, како и нивно вклучувањето во процесот на преговори со ЕУ преку усвојување модел за учество на граѓанското општество во процесот на пристапни преговори со ЕУ и унапредување на моделот за избор на претставници од граѓанското општество во секторските работни групи за ИПА.
„Нашата Влада е отворена за дијалог и соработка за да ги оствариме заедничките цели и да градиме посветено општество. Европскиот пат е нашата приоритетна агенда, како и на граѓанскиот сектор, таа цел е во интерес на сите граѓани, а најмногу за обезбедување на квалитетна и просперитетна иднина на нашите млади, за сите идни поколенија на оваа држава,“ нагласи Маричиќ.