Захарова: Москва ќе изгради нов свет, во него нема место за НАТО

Захарова вели дека историјата на НАТО е „полна со агресивни авантури кои донесоа војни и уништувања на многу земји“ и дека годишнината од неговото основање не е причина за славење.

од Бети Божиноска
271 прегледи

Русија денеска, во неделата кога западната воена алијанса ја одбележува 75-годишнината од основањето, соопшти дека НАТО му се вратил на менталитетот на Студената војна, пренесува „Ројтерс“.

„Денес, во односот кон Русија, тој воен блок им се врати на принципите на Студената војна. НАТО нема место во „мултиполарниот свет“ што Москва се обидува да го изгради за да стави крај на американската доминација, но останува во центарот на руското внимание “, истакна портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Во февруари 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин почна инвазија на Украина за да спречи НАТО да се приближи премногу до Русија, но таа војна ѝ даде нов поттик на западната воена алијанса, која на крајот ги вклучи Финска и Шведска, а бројот на членки на НАТО се зголеми на 32 земји.

Министрите за надворешни работи на НАТО ќе се сретнат днеска во Брисел, каде што ќе разговараат за предлозите што ќе ѝ овозможат на Алијансата да игра подиректна улога во координирањето на снабдувањето со оружје, муниција и опрема за Украина.

Западот тврди дека ѝ помага на Украина да се бори за својот опстанок. Захарова возврати дека историјата на НАТО е „полна со агресивни авантури кои донесоа војни и уништувања на многу земји“ и дека годишнината од неговото основање не е причина за славење.

 

Слични содржини