Германски политичар обвинет за примање пари за ширење руска пропаганда

од Симе Стоиков
143 прегледи

Политичарот на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) Петр Бистрон е под зголемен притисок од јавноста поради обвинувањата дека ширел проруска пропаганда за пари, а германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го наведе неговиот случај денес како пример за хибридната војна на Москва против Европа.

„Овој случај ја покажува целта на Москва, а тоа е да ја ослабне и поткопа демократијата во Европа. Таа користи лажни информации и го дели општеството на насочен начин“, рече Баербок на маргините на самитот на НАТО во Брисел.

Вчера во чешките медиуми се појавија информации за тоа како чешката тајна служба БИС има аудио снимки кои докажуваат дека претставникот на Бундестагот Бистрон добивал пари од претставникот на спорната платформа во замена за интервју. БИС одби да ги објави податоците, но изјави дека е во постојан контакт со тајните служби на Германија и Белгија во врска со овој случај.

Според чешките медиуми, за случајот Бистрон на седницата оваа недела разговарала и чешката влада. Проруската платформа „Гласот на Европа“ е на списокот на компании против кои се воведени санкции поради руската агресија врз Украина.

По написот во чешките медиуми, раководството на АфД реагираше и побара од Бистрон, кој е и претседател на огранокот на оваа партија за Баварија, денеска да даде писмена изјава во врска со обвинувањата.

Бистрон, кој е роден во Чехословачка и пребегнал во Германија со своите родители на 16-годишна возраст, ги негира сите обвинувања.

„Не добив пари за ширење на проруски позиции“, изјави Бистром за уредувачката мрежа Германија (RND).

Потпретседателот на Бундестагот Волфганг Кубицки (Либерално-демократската партија ФДП) тврди дека случајот Бистрон, со оглед на честите проруски испади на претставниците на АфД, не е изненадувачки.

„Општо познато е дека дури и меѓу лидерите на АфД има такви чија љубов кон Русија оди многу подалеку од она што е политички прифатливо за пратеник во германскиот парламент“, рече Кубицки.

Слични содржини