Полска ќе издвои околу 470 милиони евра за откуп на вишокот жито од своите земјоделци

Претходно земјоделците во Полска ги блокираа автопатите и граничните премини со Украина и истураа товари увезено жито преку железничките шини во знак на протест.

од Бети Божиноска
178 прегледи

Полската влада сака да издвои околу две милијарди злоти (467 милиони евра) за купување на вишокот жито од своите земјоделци, објави денеска новинската агенција ПАП.

Државниот секретар во полското Министерство за земјоделство, Стефан Крајевски, изјави за „Ројтерс “ дека во моментов за ова прашање се водат преговори со Министерството за финансии.

„Нацртите се готови и мора да поминат низ процедура, но сакаме тоа да го направиме што е можно побрзо бидејќи целта е до крајот на мај да се исплатат субвенциите“, рече тој.

Претходно земјоделците во Полска ги блокираа автопатите и граничните премини со Украина и истураа товари увезено жито преку железничките шини во знак на протест.

На овој начин тие  сакаа државата да им излезе во пресрет на нивните барања за повторно воведување на царините за увоз на земјоделски производи од Украина кои беа укинати по почетокот на војната во таа земја во февруари 2022 година.

Голем дел од украинското жито, кое треба да помине низ Полска на пат кон Европа, завршува на пазарот на таа земја, што предизвикува револт кај домашните земјоделци кои не можат да се натпреваруваат со своите производи, пред се од аспект на цената, а тоа ги создава гореспоменатите вишоци.

 

Слични содржини