Косовското барање за членство во СЕ меѓу најважните точки на пролетната сесија на ПССЕ

Во сооптението се наведува дека секое спомнување на Косово ќе биде целосно во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и без прејудицирање на статусот на Косово.

од Бети Божиноска
278 прегледи

Дебатата за барањето на Косово за членство во Советот на Европа и гласањето за нацрт-мислењето ќе бидат меѓу најважните точки на пролетната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), што ќе се одржи во Стразбур од Од 15 до 19 април 2024 година, соопшти денеска организацијата.

Политичкиот комитет на ПССЕ на 27 март во Париз го усвои мислењето на известувачот Дора Бакојани со кое се препорачува членство на Приштина во Советот на Европа. Тој комитет тогаш изјави дека следниот чекор е гласањето на ПССЕ во средината на април за кандидатурата на Косово за прием во Советот на Европа, кога за усвојување е неопходно двотретинско мнозинство.

Во соопштението на ПССЕ, Косово е напишано со ѕвездичка и на крајот има фуснота во која се наведува дека секое спомнување на Косово, без разлика дали се работи за територија, институции или население, ќе биде целосно во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и без прејудицирање на статусот на Косово.

Од другите теми за време на седницата на ПССЕ, ќе се одржи заедничка дебата за „смртта на Алексеј Навални и потребата да се спротивставиме на тоталитарниот режим на Владимир Путин и неговата војна против демократијата“, со интервенција на Јулија Навални, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека тема ќе биде и „произволното притворање на Владимир Кара-Мурза и системскиот прогон на антивоените демонстранти во Русија и во Белорусија“.

ПССЕ ќе разговара за поддршката за обновата на Украина, вклучително и за предлогот за користење замрзнати руски државни средства за таа цел, со учество на претседателот на Врховната Рада (Парламентот) на Украина, Руслан Стефанчук.

Побарана е и итна расправа за „нацрт-рамковната конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото“, а ќе има и дебата за „улогата на Советот на Европа во спречувањето на хуманитарната катастрофа во Газа“.

ПССЕ ќе разговара и за заштитата на децата од насилство на Интернет и ќе одржи заедничка дебата за односот меѓу мнозинството и опозицијата во една демократска држава и за добрата практика на референдумите.

Собранието на Советот на Европа ќе расправа за почитувањето на обврските од страна на Албанија со предлогот да се прекине целосниот надзор на таа земја-членка, се додава во соопштението. Дневниот ред ќе биде одреден на првиот ден од седницата.

Слични содржини