Потона брод во Мозамбик, починати повеќе од 90 лица

од Сенада Ибраимова
171 прегледи

Повеќе од 90 луѓе се удавија откако брод потона северно од брегот на африканската земја Мозамбик, соопштија локалните власти.

Официјални лица од провинцијата Нампула соопштија дека спасени се само пет од 130-те лица за кои се верува дека биле на бродот што потона во близина на островот Мозамбик, во истоимената африканска земја, јавува Би-Би-Си.

Наводно патниците бегале од епидемија на колера, изјави секретарот на провинцијата Хаиме Нето, додавајќи дека меѓу загинатите има многу деца.

„Превртувањето се случи бидејќи бродот беше преполн, не е дизајниран да превезува толку многу патници“, рече Нето.

На видео објавено на социјалните мрежи се гледаат десетици тела на плажа. Бродот патувал од Лунка кон островот Мозамбик, во близина на брегот на Нампула, јавува португалската јавна телевизија РТП.

Провинцијата Нампула е една од најтешко погодените од епидемијата на колера, која од јануари минатата година се прошири во неколку земји во јужна Африка.

Според УНИЦЕФ, моменталната епидемија е најлоша во изминатите 25 години. Од октомври 2023 година, Мозамбик пријавил 13.700 случаи на колера, додека 30 луѓе починале.

Слични содржини