„Печатница за пари“ во Неапол фалсификувала банкноти наречени „Пеле“ и „Марадона“

од Сенада Ибраимова
208 прегледи

Во Неапол, италијанската полиција разби мрежа на фалсификатори кои извезувале фалсификувани банкноти во Франција, Шпанија и Грција и уапсила неколку десетици лица, меѓу кои и тројца Французи.

Групата произвела „вкупно околу шест милиони евра“ во банкноти од 20, 50 и 100 евра, се вели во соопштението објавено по завршувањето на истрагата.

При полициската интервенција во седиштето на групата, запленети се околу 200.000 фалсификувани евра, а уапсени се седум лица, меѓу кои и тројца француски купувачи, кои штотуку купиле фалсификувани евра и се подготвувале да се вратат во Франција.

Седиштето на мрежата и печатачите на фалсификуваните банкноти се наоѓале во стан во Неапол во област контролирана од мафијашки клан на кои фалсификаторите му плаќале за осигурувањето.

Групата работела по принцип на нормална трговска дејност, со работно време секој ден од 9 до 17 часот, а во недела до 13 часот, се вели во соопштението на полицијата.

Купувачите на фалсификувани банкноти можеле да го изберат и квалитетот на фалсификуваните пари.

Банкнотите од 50 евра го носат името „Марадона“, по аргентинската ѕвезда Диего Марадона, кој играше за Наполи или „Пеле“ по бразилската фудбалска ѕвезда.

Во рамките на оваа истрага, судот во Неапол издаде 63 потерници, од кои дел се приведени, а дел се во домашен притвор.

Слични содржини