Денеска се одржана Тркалезна маса на Сојузот на стопански комори на Македонија, на тема „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“. Настанот е дел од Проектот GREENOVET, меѓународен проект, во кој се вклучени 18 европски партнери и истиот е кофинансиран од Еразмус + Програмата на Европската Унија. На Тркалезната маса земаа учество експерти од областа, претставници на бизнис секторот, партнери во Проектот. Се обратија претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК и претседателот на Агро-бизнис комората, при ССК, Проф. д-р Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија и услуги при ССК и Антонио Николоски, СВАМ експерт.
Во рамките на настанот, беа презентирани достигнувањата во областа и споделени искуства од страна на бизнис секторот, во насока на придобивките од воведување на зелени иновации и енергетски ефикасни системи. Компаниите мора да работат на развивање зелени иновации, да вложуваат во одржливи бизниси, кои ќе покажат грижа за животната средина, преку креирање на иновативни концепти кои ќе го намалат и оптимизираат искористувањето на природните ресурси.Многу компании, имаат воведено зелени иновации, во таа смисла и нивните искуства од придобивките во текот на процесите на работење. Компаниите мора да ги знаат можностите за адаптација и имплементација на зелена транзиција, за да бидат во чекор со потребите и да станат поконкурентни и одржливи.
Искуствата од компаниите покажуваат дека биле оправдани инвестициите во имплементирање на енергетски ефикасни системи. Иако, поминувале низ низа предизвици и ризици, сепак, времето покажало дека тие храбри одлуки биле пресудни за надминување на проблемите со недостиг на енергија и високите цени, кои направија големи штети.
Тие велат дека треба да се инвестира во енергетска ефикасност, но и институционално да се работи на создавање услови за да може таа да се спроведе во пракса, од законска регулатива, до донесување на закони. Треба да се донесат и законите, на пример, Законот за климатска акција, зошто од него ќе зависи каде ќе се одлеваат средствата од јаглеродната такса. Според методологијата, јаглеродната такса изнесува околу 80-90 евра по тон.
Во компаниите треба да се вработуваат и стручни лица, сега не постојат енергетски менаџери, а тие се многу важни за секоја компанија која треба да биде енергетски ефикасна.
За инвестиции во енергетска ефикасност и зелени иновации, потребна е поголема поддршка и од банките.Според зборовите на Горан Ѓорѓиевски, сопственик на компанијата „Специјал“,иако тие кредитираат, сепак, реално од банките добиваат само грант во висина од околу 10 % од самата инвестиција, што ја прави скапа и тие се неконкурентни во однос на западноевропските земји, а тука се и високите каматни стапки. „ Сметам дека може на различен и подобар начин да се зголемат инвестициите во обновлива енергија, што ќе ги направи поконкурентни компаниите, преку грант шеми, подолгорочност во отплаќање на кредити од банките исл., “ вели Ѓорѓиевски.
Човештвото е исправено пред климатска катастрофа, климатските промени веќе се видливи и се чувствуваат без посебни инструменти, а се последица на емисијата 52 милијарди тони CO2 годишно. Оваа емисија на CO2 доаѓа од 5 сфери производство на електрична енергија од фосилни горива, градежна инстрија, произвoдство на бетон и челик, земјоделие, транспорт на луѓе и добра и греење и ладење. За да ја спречиме климатската катастрофа до 2050 година треба да ја намалиме емисијата на CO2 на 0. Од друга страна, треба да го подобриме и бројот 1 којшто го презентира растот на македонската економија во 2023 год. од еден процент и беше најслаб од земјите во Западен Балкан.За да постигнеме поголем економски раст ни требаат иновации, бидејќи тие се мотор за раст и развој на економијата. Одлично поле на кое ќе може да работи македонската економија во иднина, е зелената трансформација, која ќе ја спречи климатската катастрофа“, истакна Проф.д-р Орце Симов, потпретседател на ССК.
„Зелената транзиција во македонските компании е еден неизбежен процес кој веќе е отпочнат,со години наназад.За жал, досега, македонските компании самоиницијативно се организираат и ја спроведуваат оваа Агенда, без реална поддршка од државата и од нејзините институции.Цела Европа работи на Зелениот договор и на зелената трансформација. Тоа е еден неповратен процес, процес кој ќе овозможи декарбонизација, овозможување на намалување на ефектите на климатските промени и еден голем дел други придобивки кои произлегуваат од целиот овој процес. Македонските компании се наоѓаат на Европскиот континент. Ние треба да ги спроведуваме европските нормативи кои ги наметнува Европската унија, бидејќи еден добар дел учествуваме и ние, директно и индиректно на европскиот пазар.Македонските компании мораат процесот да го спроведуваат и мораат да воведуваат иновации од Зелената агенда и од зелената трансформација“, истакна Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Според Антонио Николоски –СВАМ експерт од компанијата „G-CONSULT LTD.“, клучен елемент од пакетот на Зелениот договор на Европската унија е СВАМ или Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување, што значи механизам за воведување на јаглероден надоместок за увоз на производи во земји членки на ЕУ. „Обврска на македонските компании, до 2026 година, согласно направени пресметки на јаглеродни емисии, ќе биде да пополнуваат квартални СВАМ извештаи, поврзани со процесот на производство на производите извезени во ЕУ, а од 1 јануари 2026 год. ќе се плаќа и соодветен јаглероден надоместок“, објаснува Николоски.
Инаку, GREENOVET ги обединува регионалните партнери во областа на стручното образование и обука на различни нивоа (средно стручно образование и високо образование), локалните компании ( малите, средни и големи претпријатија), секторските здруженија, претставниците на работодавачите, локалните власти, невладиниот сектор, како и регионалните агенции за поддршка на иновациите и иновативноста.Покрај регионалниот пристап, проектот се развива и на национално ниво со вклучување на националните министерства и општествени партнери како придружни партнери, обезбедувајќи координација и кохерентност низ различните нивоа на власт. Проектот го поттикнува развојот на стручното образование и обука (СОО) во областа на зелените иновации низ Европа, преку основање на центри за извонредност во стручното образование и обука (ЦИСОО) со што се овозможува иновативна, инклузивна и одржлива економија. Во проектот „Гриновет“ од нашата земја се вклучени Машинскиот факултет од Скопје, Сојузот на стопански комори на Македонија, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење, „Раде Кончар ТЕП“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“ како и уште 13 партнери од Австрија, Португалија и од Финска.