Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска од Берлин изјави дека Европа мора да продолжи да ја зголемува помошта за Украина и покрај големиот пакет доделен од САД.
Говорејќи на конференцијата по средбата со неговиот британски колега Риши Сунак, сепак тој истакна дека останува на ставот дека германските крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“ не треба да се испраќаат во Киев.
Шолц тврди дека ракетите може да се користат само со учество на германски војници и дека тоа е линија што не сака да ја помине.
Велика Британија и Германија, кои досега беа најголемите европски добавувачи на оружје за Украина, ветија дека тоа и ќе останат„колку што е потребно“ за Украина, која се спротивставува на инвазијата на Русија.
Американскиот Сенат синоќа одобри воена помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван по неколку месеци одложување и дебата за тоа колку САД треба да бидат вклучени во војните ширум светот. Од нив, 61 милијарда долари се издвоени за Киев.
Шолц го опиша како „охрабрувачки и неопходен сигнал“, но додаде дека не ја ослободува Европа од задачата дополнително да ја зголеми својата поддршка за Украина. Германија неодамна вети трета испорака на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“, а канцеларот апелираше до другите земји кои го имаат системот да размислат за негово испраќање.
Сунак, кој вчера вети нова британска воена помош за Украина, ги пофали напорите на Германија и рече дека „секоја земја има различни работи што може да ги донесе на маса“.
На Украина ѝ недостасуваат гранати и системи за противвоздушна одбрана, поради што руската армија успеа да напредува во некои делови на истокот. Претседателот Володимир Зеленски предупреди дека без поголема меѓународна поддршка, Украина ќе ја загуби војната.