Колку не чинат климатските промени: „Приходите на глобалната економија ќе се намалат за 19 отсто до 2050 година“

од Vladimir Zorba
263 прегледи

Приходите на глобалната економија, благодарение на загадувањето на животната средина, ќе се намалат за 19 отсто до 2050 година, дури и ако денес целосно се запре емисијата на јаглерод диоксид и други штетни гасови.

Штетата за светската економија е неповратна, а финансиските загуби ќе бидат дури шест пати поголеми од трошоците за запирање на ефектот на стаклена градина и одржување на порастот на температурата на ниво од два степени, се вели во новата студија на Институтот за Потсдам за климатски истражувања, известува научното списание Nature.

Истражувањето се заснова на податоци добиени од 1.600 региони ширум светот кои се собрани во последните четири децении.

Се забележува дека значително намалување на приходите се предвидува за речиси сите региони, вклучително и Европа и Северна Америка, но најголемо забавување на економскиот раст ќе има во Јужна Азија и земјите од африканскиот континент.

„Негативните ефекти од глобалното затоплување најмногу ќе влијаат на понатамошниот развој на глобалното земјоделство, на квантитетот и квалитетот на приносите, на соодветниот раст на инфраструктурата, а исто така ќе предизвикаат значителен пад на продуктивноста во многу гранки на економијата“, вели еден од авторите на студијата, Максимилијан Коч, додавајќи дека се проценува дека глобалните економски загуби до средината на векот ќе изнесуваат околу 38 милијарди долари секоја година.

Прогнозите за 2100 година се уште полоши

„Ваквите големи загуби се резултат на емисијата на штетни гасови во изминатите децении, чии негативни ефекти денес ги чувствува светот, но оваа неконтролирана емисија ќе донесе и негативни ефекти во наредните години, не само преку зголемени температури, туку и појава на нестабилни и тешко предвидливи временски услови, пред се атмосферски врнежи, но и невреме и циклони со невидена сила и интензитет“, нагласува Коч.

Ова истражување на Потсдамскиот институт јасно укажува дека емисиите на штетни гасови и други загадувања мора да се запре што е можно поскоро, бидејќи во спротивно ќе има дополнително влошување на условите за живот и дополнителни загуби во глобалната економија.

Ако не престанеме да ја труеме планетата, додава Коч, во втората половина на векот, односно до 2100 година, приходите на светската економија ќе се намалат за цели 60 отсто, а во тој процес земјите и најмногу ќе страдаат областите кои најмалку придонеле за загадувањето и климатските промени.

Доколку не се запре процесот на загадување, се проценува дека земјите во тропските региони, каде температурите се уште се на работ на издржливост, ќе имаат најсериозни последици за економијата.

Тие, претежно неразвиените земји, ќе изгубат речиси 58 отсто повеќе приходи од развиените земји и ќе претрпат 40 отсто поголема економска штета од земјите кои со децении најмногу придонеле за загадувањето и затоплувањето на планетата со својата индустриска активност.

Слични содржини