Соединетите Држави обезбедуваат нова воена помош од 6 милијарди долари за да и помогне на Украина да се одбрани од руската инвазија, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Најновата испорака на оружје ќе вклучува артилериска муниција, како и ракети за системи за воздушна одбрана Патриот произведени во САД, рече Остин по онлајн состанокот со Контакт групата за одбрана за Украина предводена од Вашингтон.
Најавата доаѓа откако американскиот Сенат доцна во вторникот одобри нова помош за Киев во вкупна вредност од околу 61 милијарда долари, отворајќи го патот за нови испораки на оружје по повеќемесечна блокада.
Веднаш потоа, во средата, американскиот претседател Џо Бајден најави итен воен пакет вреден милијарда долари. Станува збор пред се за опрема за противвоздушна одбрана, артилерија, ракетни системи и оклопни возила од залихите на американската армија.