Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #3“ во рамките на 4. Скопски поетски фестивал

од Илинка Илиоска
159 прегледи

Скопскиот поетски фестивал кој по четврти пат ќе се одржи во периодот од 29 мај до 1 јуни, и годинава го организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање за млади поети и поетеси.

„Продолжуваме со поддршката за младите поети, за тие што можеби веќе се појавиле со по некоја песна во книжевно списание, ја објавиле својата прва стихозбирка или настапиле на некое поетско читање, но и за тие што можеби и не направиле ништо од сето тоа досега, давајќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати на настан подготвен само за нив! Како и минатите години, така и оваа, врз основа на испратените песни ние ќе ги избереме учесниците на ‘Отскочна даска #3’, а тие меѓу себе ќе го одберат најдобриот, односно, ќе изгласаат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на четвртото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација заедно со другите повозрасни и етаблирани поети, соопштија од фестивалот“, се вели во повикот.

Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија, фотографија со висока резолуција и две свои песни во Word на мејлот [email protected] најдоцна до 13 мај.

Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 20 мај на Фејсбук и Инстаграм страниците на фестивалот, а настанот ќе се одржи во кафе- книжарницата „Буква“ на 29 мај, со почеток од 20 часот.

Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 30 мај.

Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и кафе-книжарница „Буква“.

 

Слични содржини