Се враќа Ванхојте, ќе биде медијатор за отворање на патот за преговорите на земјава со ЕУ

од Илинка Илиоска
367 прегледи

Белгиецот Питер Ванхојте повторно се враќа во земјава, но овојпат ќе биде олеснувач за уставните измени кои треба да ѝ го отворат патот на земјава во Европската унија. Ванхојте е веќе втор ден во Скопје и има средби со преставници на политички партии, а ќе се сретне и со преставници на невладини организации и други експерти, по што ќе замине на слични средби во Софија.

Според она што го кажа тој за „Независен“, по иницијатива на белгиското претседателство со ЕУ, Ванхојте добил мандат да биде медијатор олеснувач на бугарско-македонскиот спор, т.е да спроведе проект со кој ќе се отвори патот за уставните измени и ќе се обезбедат гаранции дека на патот на Македонија до членство нема веќе да има сопки од Бугарија или нови проблеми.

Според Ванхојте, проектот е под капата на ЕУ, но го финансира белгиската влада која верува во користа од разговори и од правење компромиси. Проектот што ќе го води Ванхојте ќе го менаџира и организира Европскиот институт за безбедносни студии и нема рок до кога ќе трае, односно ќе остане отворен додека не се постигнат целите.

Проектот ќе има две компоненти, од кои првата е медијаторство за односите меѓу Бугарија и Македонија кое треба да ги тргне отворените прашања и да отвори пат за преговорите на Македонија со ЕУ. Втората копмпонента е изградба на институционален капацитет во земјата, со фокус на обука на млади политичари кои треба да го сменат начинот на кој функционира политиката во државава, односно да ја приближат повеќе до западните европски демократии.

За почеток Ванхојте најавува дека ќе разговара со преставниците на сите релевантни политички партии во земјата за да ги сослуша нивните барања и евентуално предлози  со порака дека е отворен за каков било предлог што ќе помогне да се постигне прогрес околу деблокадата на преговорите со ЕУ и други прашања.

„Мојата главна цел ќе биде да се осигура дека процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ нема веќе да се блокира“, најави Ванхојте за „Независен“, со порака дека „е отворен за сите опции, ќе ги сослуша сите барања и ќе се обиде да најде решенија“.

На забелешката дека ваквиот пристап може да ги оддолжи уставните промени и да се отворат многу прашања за кои ќе се бара да се сменат во Уставот, па и да се договори нова Преговарачка рамка со ЕУ, Ванхојте одговори дека нема да се случи тоа, односно нема да се преговара одново за Преговарачката рамка и дека ќе се држи до девизата – што поедноставно можно, тоа подобро, во смисла да не се комплицира процесот на уставни промени дополнително.

„Јас сум оптимист дека ќе најдеме решение. Имам чувство дека во двете најголеми политички партии има разбирање дека треба да се оди напред“, вели Ванхојте по првите средби, забележувајќи дека за жал има и други проблеми во земјата што се нерешени, посочувајќи на лошите состојби во образованието, здравството и во економијата, бидејќи целта на проектот и на неговото медијаторство ќе биде – да ја стави Македонија на што е можно постабилна основа.

„Прво ќе се осигураме дека нема да има нови проблеми од Бугарија за пристапувањето на Македонија во ЕУ, а потоа ќе одиме на следните чекори“, порача Ванхојте нагласувајќи дека уставните измени се приоритет број еден и дека неговата улога како медијатор ќе биде да има солидни гаранции дека работите нема повторно да отидат во погрешен правец за Македонија, откако еднаш направи отстапки и не доби ништо, односно повторно беше блокирана од Бугарија.

Генерално, Ванхојте, кој веќе беше ангажиран во Македонија во минатото како медијатор за Пржинскиот договор и продолжи со проект во македонскиот парламент, е задоволен што конечно е усвоен нов Деловник, но, како што рече, „има уште долг пат што треба да се изоди“.

Главен проблем според него е неиницијативноста на пратениците кои само чекаат предлози и закони од Владата и ги гласаат, место да се однесуваат како вистински преставници на граѓаните што ги избрале и да покренуваат прашања. Тој ја оцени како лоша пракса и блокадата што се случуваше изминатите години во Собранието, со совет – борете се, борете, но не ја  блокирајте работата.  Во контекст на изборите и предвидувањата за исходот тој смета дека е  добро одвреме навреме да се менуваат гарнитурите и да има фер баланс во тоа, но  не некои „да остануваат сто години“ на власт и дека го загрижува ако исти луѓе се вратат на „Илинденска“ и нема нова политичка гарнитура од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, една од првите средби на Ванхојте беше со Арбен Таравари кој порача со соопштение  дека „ европскиот пат на земјата ќе биде во сигурни раце“. Според она што го најави Ванхојте, тој најголем дел од времето ќе биде присутен во Македонија.

Слични содржини