Воведениот билет за туристите на еднодневно патување во Венеција на градот му донесе приход од 975.000 евра во првите 11 дена од пробниот период. Билетот кој првпат беше воведен на 25 април се наплаќа по стандардна цена од пет евра. Градот вчера објави дека продал повеќе од 195.000 билети, што е малку над очекувањата.
Влезот ќе се наплаќа речиси секоја сабота и недела до средината на јули, кога градот ќе ја прегледа цената.
Како општо правило, целодневните посетители меѓу 8:30 и 16 часот се обврзани да платат влезница и да добијат QR код, кој служи како доказ за плаќање. Доколку не го сторат тоа би можеле да платат казна од 300 евра.
Домашните жители, гостите кои преноќуваат, студентите и децата под 14 години се ослободени од плаќање.
Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот. Масовниот туризам му носи многу приходи на градот, но и гужвите создаваат големи проблеми. Не е познато дали Венеција ќе ја задржи таксата по пробниот период.